Мерки за зголемување на ефикасноста на Термоелектраната-топлана ТЕ-ТО АД Скопје



Техничкиот оддел во ТЕ-ТО АД Скопје, меѓу другото, континуирано работи на зголемување на ефикасноста на постројката и тоа преку инвестирање на дополнителна опрема или надградба на постоечката како и промена/подобрување на оперативните процедури дефинирани од производителите. Подобрувањето на ефикасноста на постројката, на било кој начин, доведува до намалување на потрошувачката на гориво, во случајов природен гас, за иста произведена енергија, а тоа води до повеќекратни придобивки како: зголемена рентабилност, намалени емисии, намален термички стрес на опремата и нејзино стареење и т.н.

Во текот на 2015 година одделот за производство на ТЕ-ТО АД Скопје направи две промени во процедурите за оперирање, со што дојде до намалување на сопствената потрошувачка на постројката, а со тоа и до зголемување на ефикасноста. Овие промени беа направени по неколку месечни анализи и тестирања за да на почеток од месец декември 2015 и официјално постанат редовни процедури за оперирање.

Двете промени во оперирањето со постројката се состојат во исклучување на пумпен агрегат кој според оригиналниот концепт треба да бидат во работа континуирано. Поточно се работи за два посебни системи и тоа: главен систем за разладна вода и систем за рециркулација на вода во предгревачот од котел-утилизаторот. И двата системи се состојат од по два идентични пумпни агрегати секој со моќност од 400 kW односно 30 kW соодветно и кои континуирано беа во работа кога постројката работеше. По исклучувањето на еден пумпен агрегат во когенеративен режим на работа и двата системи продолжија со нормална работа и сите параметри беа во нормален ранг.

Со оваа промена на концептот за управување со постројката се постигнаа неколку придобивки и тоа:

  • Намалена сопствена потрошувачка од околу 8 MWh електрична енергија на дневно ниво;
  • Намалени емисии поради намалената потрошувачка на природен гас кој претходно се трошеше за производство на тие 8 MWh електрична енергија;
  • Намалување на работните часови на пумпните агрегати како и бројот на стартувања со што се зголемува нивниот живот век т.е. се намалуваат трошоците за одржување и
  • Зголемување на ефикасноста на постројката, а со тоа и рентабилноста на ТЕ-ТО АД Скопје.