Мониторинг на животната средина
Пред официјално отпочнување со работењето во 2012 година, ТЕ-ТО АД се стекна со А-интегрирана еколошка дозвола, согласно Законот за животна средина. Во 2020 година Министерството за животна средина и просторно планирање за ТЕ-ТО АД издаде (обновена) А-интегрирана еколошка дозвола.
Во своето работење ТЕ-ТО АД ги почитува строгите услови од дозволата издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Управувањето со животната средина во ТЕ-ТО АД е базирано на Политиката на компанијата кон животната средина, која е донесена од врвното раководство на компанијата. Вработените ги извршуваат своите активности на највисоко професионално ниво, водејќи особена грижа за минимизирање на негативните влијанија врз животната средина, преку ефикасно користење на енергијата и ресурсите, пречистување на отпадните води, ре-употреба на материјалите и избегнување на создавање отпад.
Емисии на загадувачки материи во воздухот
Когенеративна термоелектрана-топлана со комбиниран циклус ТЕ-ТО АД е со средно годишен капацитет од 220MW за производство на електрична енергија и 160 MW топлина, a користи исклучиво природен гас како погонско гориво. Со вградените мерки за енергетска ефикасност во дизајнот спаѓа во редот на високо ефикасни постројки од светски ранг, а правилното управување, одржување и имплементација на мерки придонесува и за дополнително подобрување на ефикасноста. Ефикасноста на електраната кога работи во когенеративен режим достигнува до 80%.
ТЕ-ТО АД ги поддржува светските напори и инцијативи за промоција на производството на чиста енергија во современи високо ефикасни електрани, наспроти застарените, неефикасни и еколошки неприфатливи термоелектрани на јаглен.
Термоелектраната ги искористува отпадните гасови (продукти на согорувањето) од гасната турбина за производство на дополнително количество на топлина за централно греење и претставува енергетски ефикасна постројка. Потребата од флексибилност во работниот режим и предизвикот да се почитуваат дури и најстрогите ЕУ регулативи за емисии се на врвот на агендата ТЕ-ТО АД Скопје. Нашата постојана заложба за инвестиции во технологија кулминираше со замена на стандардните EnVironmental (EV) горилници со EV-Alpha горилници за време на C-инспекцијата на гасната турбина во мај 2021 година.
Базирани на докажаните карактеристики на стандардниот горилник EnVironmental (EV) на General Electric (GE), EV-Alpha горилниците вклучуваат најнова технологија на согорување која овозможува намалување на емисиите на азотни оксиди (NOx) за околу дополнителни 35-40% во однос на нивоата на стандардните горилници. Концентрациите на јаглеродниот моноксид се исто така дополнително намалени, и се далеку под граничните вредности согласно А-интегрираната еколошка дозвола. Резултатите за емисиите се потврдени со паралелни мерења од страна на меѓународна акредитирана лабораторија, при различни оптоварувања, за време на тест-периодот по C-инспекцијата, пред започнување со официјално работење на инсталацијата. Eмисиите на CO2 се значително помали во споредба со конвенционалните термоелектрани на јаглен. Со оглед на тоа што единствено погонско гориво е природниот гас, емисиите на сулфурни оксиди, прашина и PM цврсти честички се елиминирани. Дополнително, постигната е поголема стабилност на согорувањето како резултат на подобрените пулсации на пламенот.
ТЕ-ТО АД е една од ретките компании во земјата која има систем за континуирано следење на емисиите на загадувачки материи во воздухот, кој ги мери и забележува емисиите на азотни оксиди и јаглерод диоксид во текот на 24 часа. Дополнително, се прават и контролни мерења од страна на акредитирана лабораторија, согласно условите од А-интегрираната еколошка дозвола. Емисиите на сите загадувачки супстанции се под пропишаните гранични вредности согласно А-интегрираната еколошка дозвола. Извештаи до Министерството за животна средина и просторно планирање се доставуваат на месечно, тримесечно и годишно ниво.
Отпадни води
Сите технолошки отпадни води од процесот се третираат во сопствена пречистителна станица, а квалитетот се следи во интерна лабораторија. Мониторираните параметри на отпадните води се под граничните вредности зададени во А-интегрираната еколошка дозвола. Се прават и контролни анализи на параметрите на отпадната вода од страна на акредитирана лабораторија, согласно условите од А-интегрираната еколошка дозвола. Извештаи до Министерството за животна средина и просторно планирање се доставуваат согласно пропишаната динамика на А-интегрираната еколошка дозвола.
Оптимизацијата на процесите придонесува за зголемена грижа кон животната средина преку намалено користење на хемикалии во процесите.
Користењето на ладилни кули од хибриден тип наместо конвенционални ладилни кули е еколошки подобрата варијанта, бидејќи се намалува употребата на вода за ладење и се елиминира појавата на маглата која би се добила со испарување на вода за ладење од конвенционални разладни кули.
Постапување со отпадот
Постапувањето и управувањето со отпадот во инсталацијата е во согласност со законската регулатива поврзана со управување со отпад. Избегнувањето на создавањето отпад, намалувањето на создавање отпад, ре-употребата и рециклирањето се основните начела врз кои се темели управувањето со отпад во ТЕ-ТО АД Скопје. Автоматизираниот процес на работа и високата ефикасност на електраната, како и персоналот кој е обучен за идентификување, селектирање и соодветно складирање на отпад, придонесуваат кон генерирање на мали количини отпад, особено во споредба со конвенционалните електрани. И покрај релативно малите количини на генериран отпад на годишно ниво, ТЕ-ТО АД, како општествено одговорна компанија, има лиценциран управител за постапување и управување со отпадот.
Бучава
Бучавата генерирана како резултат на работењето на ТЕ-ТО АД Скопје се следи согласно условите од А-интегрираната еколошка дозвола. Преземени се мерки за намалување на бучавата при стартувањето со работа на електраната, а идентификувани се и дополнителни мерки со кои ќе се сведе на минимум влијанието на бучавата врз околината. Мерења на бучава се реализираат на годишно ниво од страна на надворешна компанија, согласно условите од А-интегрираната еколошка дозвола. Нивоата на бучава на сите мониторирани точки е во границите определени со А-интегрираната еколошка дозвола.