Почетоци
ТЕ-ТО АД Скопје е најголемата приватна инвестиција во енергетскиот сектор во Република Северна Македонија и како таква е единствена до денес.
Договорот беше потпишан во 2007 година, додека инвестицијата беше подржана од Landesbank Берлин (LBB). Финансиската конструкција за електраната ја освои меѓународната наградата за Договор на годината за 2007 година од Trade Finance. Финансиска поддршка во вредност од 167 милиони евра беше подигната за изградба на когенеративната електрана за производство на електрична и топлинска енергија т.н. “чиста енергија” во градот Скопје.
Планот за реализација на проектот ТЕ-ТО беше поттикнат од недостатокот на електрична енергија во Република Северна Македонија, при што се зема во предвид значителната улога на постројката во обезбедувањето на стабилност и економскиот раст не само во земјата, туку и во регионот. Следењето на светските трендови во обезбедувањето на енергија и се поголемото насочување кон користењето на обновливите извори на електрична енергија, секако го става овој проект на мапата на пожелни и одржливи проекти, а со тоа се овозможува планирање и се отвораат можности за реализација на нови слични проекти или прилагодување на веќе постоечки.
Тековни проекти
Следејќи ја визијата на компанијата за сигурно, доверливо, компетитивно и еколошки прифатливо производство на електрична енергија и топлина, вработените во ТЕ-ТО АД работат на неколку развојни проекти за исполнување на овие цели.
Првиот проект е за промена на гасниот приклучок, кој е од дистрибутивната мрежа на ГА-МА АД Скопје, на притисок од 12 бари. Технолошкиот процес т.е. гасната турбина работи со притисок на гасот од 29 бари. Поради ова, во електраната постои гасен компресор кој влезниот притисок на гасот од 12 бари го компримира до 29 бари како потребен услов за нормална работа на гасната турбина, а со тоа и на целата електрана. Овој центрифугален двостепен гасен компресор е комплексна вртлива машина со моќност од 2,5 MW. Дополнително, бидејќи брзината на вртење на степените за компресија е околу 30000 врт/мин, оваа постројка е и извор на високофреквентна бучава. Новиот проект предвидува нов гасен приклучок, но на преносната мрежа на ГА-МА, која е со притисок од 40 бари и нова мерно-редукциска станица каде гасот од 40 бари притисок ќе се намали на работни 29 бари, со помош на редундантен систем на редукциони вентили. Имплементацијата на овој проект ќе придонесе за повеќекратни придобивки како што се:
- Зголемена ефикасност на електраната преку намалување на сопствената потрошувачка;
- Зголемена доверливост на електраната преку замена на нередундантниот гасен компресор со редундантен систем на редукциони вентили;
- Намалени трошоци за одржување односно зголемена рентабилност;
- Намалени емисии во воздух поради намалената сопствена потрошувачка;
- Намалена бучава т.е. зголемена општествена одговорност.
Вториот проект се однесува на зголемување на моќноста на двата 110kV далекуводи, преку кои електраната е поврзана со преносниот систем на МЕПСО во ТС Скопје 1 и ТС Скопје 4. Секој од постоечките далекуводи може да пренесе 60% од енергијата произведена во електраната. Во случај на испад на еден далекувод моќноста на електраната автоматски се намалува до ниво на кое далекуводот може трајно да работи. По вклучување на испаднатиот далекувод моќноста на електраната се враќа на номиналната вредност. Зголемувањето на моќноста на овие два далекуводи се предвидува во две секции бидејќи тие се составени од кабелска делница и воздушна делница. Зголемувањето на моќноста на кабелскиот дел се предвидува со зголемување на пресекот на високонапонските кабли од сегашните 1000 мм2 на 2000мм2. Воздушниот дел од далекуводите се предвидува да се ревитализираат со тоа што постоечките алуминиумски спроводници би се замениле со нов тип на спроводници AAAC со ист напречен пресек но со поголема спроводна моќност. Со ова зголемување на моќноста на овие два далекуводи ќе се исполни условот да при испад на било кој од двата далекуводи електраната да продолжи да работи со номинална моќност при што целата произведена енергија ќе се пренесува преку едниот далекувод. Со имплементирање на овој проект се добива посигурно и подоверливо снабдување со електрична енергија и топлина на локалниот и регионалниот пазар, а се подобрува и стабилноста на целиот енергетски систем.
Со третиот проект се разработува можноста за доискористување на отпадната топлина од главниот кондензатор на парната турбина, а за време на когенеративна работа на електраната, која сега се евакуира во ладилните кули. Во ладните зимски месеци кога електраната работи во целосен когенеративен режим, односно производството на топлина е максимално, дел од енергија од главниот кондензатор сепак се дисипира во ладилните кули. Идејата е да се искористи ниската повратна температура на водата од дистрибутивниот систем на БЕГ со тоа што таа би се предгревала со енергијата од главниот кондензатор. Во моментот постојат две идејни решенија за искористување на оваа отпадна топлина и тоа индиректно и директно. Кај индиректното решение повратната вода од дистрибутивниот топлотен систем се загрева со водата од разладната кула индиректно преку топлински изменувач додека при директно загревање повратната вода од дистрибутивниот систем се користи како разладен медиум во главниот кондензатор наместо водата од разладните кули и така ја презема отпадната топлина која изнесува вкупно околу 20 MWth. Со реализацијата и на овој проект ќе се постигнат повеќекратни придобивки како:
- Зголемена термичка моќност на електраната и зголемено производство на топлина;
- Зголемена ефикасност на електраната во когенеративен режим на работа;
- Намалени емисии во воздухот бидејќи се користи отпадна топлина;
- Зголемена продуктивност на електраната.