ТЕ-ТО АД Скопје е когенеративна термоелектрана-топлана со комбиниран циклус за производство на електрична енергија и топлина, единствена од ваков вид во земјава, и користи исклучиво природен гас како погонско гориво.
Комбинираниот циклус подразбира искористување на отпадната топлина од произведената електрична енергија во гасната турбина за погон на парната турбина, со што се генерира дополнителна енергија и се остварува ефикасност од над 50%, што е значително над ефикасноста на класичните електрани.
Средно-годишен капацитет на постројката е 220MW за производство на електрична енергија и 160 MW за производство на топлина. Постројката е проектирана да работи во два режима:
- Когенеративен режим (истовремено производство на електрична енергија и топлина), кога ефикасноста на електраната во ваков режим е над 75%. Произведената топлина се предава на дистрибутивниот топловоден систем во градот Скопје;
- Кондензен режим (производство само на електрична енергија), кога енергетската ефикасност е над 50%.
При проектирањето и изградбата на електраната имплементирани се и почитувани сите позитивни национални и меѓународни законски барања поврзани со животната средина. Особено внимание е посветено на грижата за влијанието на емисиите во воздухот врз животната средина уште во самиот дизајн на постројката, со имплементирање на најсовремена достапна технологија за ефикасно искористување на енергијата од горивото, и гарантирање на ниски емисии на азотни оксиди со примена на специјално дизајнирани 72 ниско емисиони горилници. Дополнително, и емисиите на CO2 се неколкукратно помали во споредба со конвенционалните термоелектрани на јаглен. Со оглед на тоа што единствено погонско гориво е природниот гас, емисиите на сулфурни оксиди, прашина и PM честички се елиминирани.
Инсталацијата се заснова на дво-осна композиција, составена од една гасна турбина, една парна турбина и два синхрони генератори со сите релевантни помошни уреди. Рутинското палење и гаснење се изведува од централна контролна соба, преку DCS контролен систем.
Основниот концепт на постројката се состои од два циклуса за генерирање на енергија. Првиот циклус се јавува во гасната турбина. Воздухот се компримира и потоа се пушта во коморите за согорување. Овде природниот гас, помешан со компримираниот воздух, согорува за да се создаде врел гас со висок притисок кој експандира низ турбината. Турбината го задвижува генераторот за да се создаде електрична енергија.
Вториот циклус е парниот циклус. Издувниот гас од гасната турбина е сеуште врел и минува низ котелот утилизатор на отпадна топлина (Heat Recovery Steam Generator, HRSG), каде што топлинската енергија која се наоѓа во издувниот гас се користи за да се добие пареа под висок притисок (прибл. 100 бари). Овој уред (HRSG) за искористување на топлината е конструиран да биде од тип на природна циркулација со две нивоа на притисок. Генерираната пареа се користи за да се придвижи парната турбина каде што се создава дополнителна електрична енергија. Нема помошни премини за издувниот гас од гасната турбина. Затоа не е можна изолирана работа на гасната турбина од котел утилизаторот. Во случај на прекинување со работа на парната турбина, пареата произведена во утилизаторот, директно ќе се спроведе (бајпасира) до кондензаторот.
На сликата 1 е прикажан поедноставен дијаграм на процесот на инсталацијата ТЕ-ТО АД Скопје.
Слика 1 Шематски приказ на процесот (поедноставен приказ)
Освен погоре наведените, дополнителна еколошка предност на инсталацијата ТЕ-ТО АД Скопје во однос на класичните електрани е користење на хибридна ладилна кула наместо конвенционалната влажна разладна кула во процесот на ладење на водата. Овој концепт кој исто така за првпат е применет во земјава, има поволности кон животната средина заради намалена потрошувачка на вода и појава на магла, која е поврзана со испарувањето на разладната вода од кулите.
Во следната Табела 1 се резимирани главните технички податоци за инсталацијата ТЕ-ТО АД Скопје.
Табела 1. Основни проектни технички податоци за ТЕ-ТО АД Скопје