Зголемување на моќност на гасната турбина во летните месеци
Среден годишен капацитет на ТЕ-ТО АД Скопје е 220 MW, но во зависност од атмосферските услови (температура, притисок и влага) производството варира од 205 MW до 239 MW.
Поради високите амбиентални температури во летните месеци се намалува производството, а во исто време и ефикасноста на гасните турбини. Се јавува потреба за надминување на овие загуби, но и зголемување на производството на електрична енергија која е најпотребна токму во периодите со високи амбиентални температури.
Системот водена магла во гасна турбина (MeeFog) е систем за зголемување на моќноста кој е всушност вбризгување на атомизирани капки вода (магла) директно во компресорот на гасната турбина со што се постигнува намалување на температурата на влезниот воздух и зголемување на масениот проток низ компресорот. Кога фините капки вода испаруваат во компресорот, тие ја намалуваат температурата и значително ја намалуваат енергијата што ја троши компресорот, зголемениот масен проток пак резултира со зголемување и на вбризганиот гас во комората и како директен резултат доаѓа до зголемување на моќноста на гасната турбина.

Сл 1. Шематски приказ на систем за водена магла во гасна турбина – MeeFog
Во 2021 година во ТЕ-ТО АД Скопје е започната иницијатива за инсталирање на систем за водена магла во гасната турбина, кој во летните месеци би придонесувал за зголемување на моќноста од турбината околу 13 MW (мегавати) при соодветни надворешни услови.
Предуслови за реализација на инвестицијата:
- Доволен број на часови со висока амбиентална температура со ниска влажност
- Доволно количество на деминерализирана вода со квалитет < 1,5 mS/cm
- Потреба за врвна моќност (peak) во летните месеци
- Прифатлива цена на енергијата во часовите кога овие предуслови се исполнети
Овие технички и комерцијални предуслови беа анализирани детално и беше утврдено дека истите се исполнети.
Опрема во состав на MeeFog системот:
- Напојна пумпа за деминерализирана вода за MeeFog системот:
- Пумпна постројка, со филтри и електромагнетни вентили
- Цевоводи и повеќеслојни прскалки (млазници) – како најважен сегмент
- Управувачки логички систем PLC

Напојна пумпа, пумпна постројка со филтри и електромагнетни вентили

Изведен MeeFog систем
Пумпната постројка е позиционирана веднаш до всисниот модул за воздух на гасната турбина.
Од пумпната постројка продолжува систем од цевководи кон всисниот модул за воздух на гасната турбина, истиот завршува по фините филтри и пригушувачот, каде што на цевководите се поставени повеќе реда на прскалки.

Цевоводи и повеќеслојни прскалки (млазници) во модулот за всис на Гасната турбина
Главни придобивки на MeeFog системот:
- Зголемување на производството во топлите летни месеци околу 13 MW – зависно од расположливиот температурен пад помеѓу температура на сув воздух и температура на влажен воздух
- Зголемување на границите во терциерната регулација на работа на електраната и можност електраната да работи во AGC режим (далечинска контрола на производството), што придонесува за зголемен профит
- Намалување на емисијата на NОx
- Намалување на дебалансите кон електричната мрежа, бидејќи системот може да се користи за балансирање на производството
Со калкулациите на годишните добивки, времето на поврат на инвеестицијата се проценува на 2 години. Системот беше ставен во употреба во почеток на септември 2023 година, на самиот крај на летниот период, при што се произведоа дополнителни 600 MWh енергија во најнеповолните месеци. Во 2024 година само во летни месеци односно јуни, јули и август електранаата со интегрираниот MeeFog системот произведе дополнителни 4000 MWh електрична енергија. Притоа оваа енергија беше најчесто продавана како терциерна регулација или употребена за балансирање на планираното прозиводство со што и профитот од истата е поголем од регуларната.