Со првобитната изведба на електраната, системот за заптивна пареа се снабдува со пареа од системот за помошна пареа произведена во котелот-искористувач на отпадна топлина, а се обезбедува од главната напојна линија за високопритисна пареа на парната турбина. Овој систем предизвикуваше проблеми во оперирањето на електраната, како што е неможноста да се реализира жежок старт, но и нестабилност на процесите во електраната при топли и ладни стартови кои често резултираа со испади.
Помошната пареа со првобитното решение се генерираше со задоцнување во однос на потребите на електраната, и уште побитно, со незадоволителни параметри за жежок старт, односно електраната не можеше да изврши жежок старт. Овој несоодветен дизајн ја ограничуваше работоспособноста на електраната и доведуваше до проблеми со регулација на нивото во нископритисниот бојлер.
Со цел да се зголеми доверливоста на електраната при нејзино стартување, особено при жежок старт, но и да се подобри регулацијата на ниво на нископритисниот бојлер, ТЕ-ТО АД реализира проект за инсталација на електричен парен котел. Котелот е поврзан за постечкиот систем за заптивна пареа, на начин што не ја нарушува функционалноста на првобитниот систем, односно тој претставува алтернатива на оригиналното решение.
Исто така, котелот за заптивна пареа нуди можност за брзо стартување на електраната во случај на нејзин испад, со што се намалуваат потенцијалните високи казни кои ги наплаќа државниот електропреносен систем оператор.
Изборот на електричен котел за заптивна пареа (ЕКЗП) во однос на котел кој би работел на природен гас е базиран на следните причини:
- ЕКЗП не емитува издувни гасови, поради што не е потребна дозвола од институциите во поглед на заштита на животната средина.
- ЕКЗП функционира на електрична енергија, додека за котел кој би работел на природен гас потребна е модификација во системот за дистрибуција на гас, како и изработка на студија за заштитена опасна зона
- ЕКЗП може да биде поставен во објектот на парната турбина која моментално е некласифицирано подрачје
- ЕКЗП се испорачува фабрички монтиран, што доведува во кратко време на монтажа на терен, односно потреба само од приклучни точки со инсталациите.
- ЕКЗП е поедноставна постројка и има покус рок на испорака од котел кој работи на природен гас.
Основниот проект за целокупниот систем беше изработен од Tractabel Engineering Италија, додека дизајнот и производството на котелот беше извршен од ATTSU Group Шпанија. За теренската монтажа и набавката на потребната опрема (цевки, вентили итн ), потребни за приклучок кон електраната, ангажирана беше локалната македонска компанија DMB Construction. Електричното поврзување на ЕКЗП, пропратено со поврзување на нов сув трансформатор, непрекинато електрично напојување и напојување од 110 VDC, беше извршено од македонската компанија Спектартермо. При сите фази на проектот, вклучен беше инженерскиот тим на ТЕ-ТО АД, кои се ангажираа за правилното извршување на изведените работи и функционалноста на системот, се со цел постројката да биде што е можно подобро усогласена со потребите на електраната.
Фабричкиот комплет на котелот испорачан од ATTSU ја вклучуваше следната опрема: електричен котел за заситена пареа (модел GE?2400/17), два електрични прегревачи на пареа (модел RVE?100/17), напоен резервоар заедно со деаератор (модел DT?1) во кој се акумулира деминерализирана вода која потоа со напојни пумпи се води кон бојлерот, дозирни пумпи за регулирање на pH вредноста и регулатор на 02, комплет напојни пумпи за вода за бојлерот, автоматски вентил за испуштање на пареата и подесување на нејзините параметри, автоматски систем за прочистување на цевководите, резервоар за испуст (модел DF?5), електричен ормар со PLC контролер и сите останати уреди за правилно и безбедно функционирање на котловската постројка.
Номиналните параметри на ЕКЗП на приклучните врски кон електраната се:
Притисок | 15 barg |
Температура | 295 oC |
Проток | 2.4 t/h |
Првото пуштање на системот и подесување на автоматската логика на комплетниот систем беше извршена од страна на инженерскиот тим на ТЕ-ТО АД со поддршка од ATTSU Group.