Со цел да се постигне поголема ефикасност т.е. заштеда на електрична енергија за сопствени потреби на електраната, во 2016 година во ТЕ-ТО АД Скопје се заменети дел од постојните живини светилки кои беа со моќност од 250 W со нови ЛЕД светилки со моќност од 120 W од последната генерација со висока ефикасност од 164 lm/W. Со новите ЛЕД светилки се постигна намалување на потрошувачката на електрична енергија за 52 %, а на годишно ниво вкупната заштеда изнесува 13 666 kWh, односно заштеда од 57 ЕУР по сијалично место. Исто така важно е да се спомне дека со инсталирањето на новите ЛЕД светилки се зголеми осветленоста за 2 пати во однос на старите живини светилки и животниот век на овие светилки изнесува повеќе од 60 000 часови, односно после 60 000 работни часови само 10 % од инсталираните светилки нема да го задоволат критериумот да светат со светлосен флукс поголем од 80 %. Со самото тоа се намалуваат трошоците за одржувањето, односно замената на сијалици во светилките кои се инсталирани на доста високи и тешко пристапни места нема да се прави така зачестено, а со тоа и бенефитот на оваа инвестиција е уште поголем.
Производителот дава гаранција на светилките од 6 години, а техно-економската анализа покажува дека инвестицијата на новите ЛЕД светилки ќе се врати за 3 години.
Поради позитивните резултати кои ги даде овој проект за ЛЕД осветлување, во 2017 година се планира да се замени класичното улично осветлување на ТЕ-ТО со најново ЛЕД осветлување.